Владата на Сирија, предводена од исламисти, соопшти дека нејзините внатрешни безбедносни сили денес почнале да се распоредуваат во Свеида, додека претседателството ги повика сите страни да го почитуваат прекинот на огнот откако крвопролевањето во областа претежно населена со друзи однесе стотици жртви.
Сириското претседателство објави итен и сеопфатен прекин на огнот и ги повика сите страни да се обврзат на него и веднаш да ги прекинат непријателствата во сите области.
Портпаролот на сириското Министерство за внатрешни работи изјави претходно денес дека внатрешните безбедносни сили почнале да се распоредуваат во Свеида, покраина на југот од земјата. Израел интервенираше во конфликтот претходно оваа недела, таргетирајќи ги владините сили и зградата на Министерството за одбрана во Дамаск, во знак на поддршка на друзите.
„Прекинот на огнот е поддржан од Турција, Јордан и соседите“
Том Барак, амбасадорот на САД во Турција и претставник на Вашингтон во Сирија, изјави дека двете земји се согласиле на примирјето поддржано од Турција, Јордан и нејзините соседи.
Сириската покраина Свеида е зафатена од насилство кое започна со судири меѓу бедуинските борци и друзските фракции, пред да се вклучат владините безбедносни сили испратени од Дамаск во областа.
Барак ги повика Друзите, Бедуините и Сунитите да го положат оружјето и „да изградат нов и обединет сириски идентитет заедно со другите малцинства“.
Израел вели дека неговата цел е да го заштити друзското малцинство во Сирија и да ги држи областите долж јужната граница на Сирија демилитаризирани. Привремениот претседател Ахмед ал-Шара го обвини Израел дека се обидува да посее поделба меѓу Сиријците.
Израелски функционер вчера изјави дека Израел се согласил да им дозволи на сириските сили ограничен пристап до областа Свеида во следните два дена.