САД означија четири европски ограноци на групата Антифа како терористички организации

14.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
САД означија четири европски ограноци на групата Антифа како терористички организации

Државниот секретар Марко Рубио изјави дека ги означил членовите на групите Антифа Ост, Неформална анархистичка федерација/Меѓународен револуционерен фронт (FAI/FRI), Револуционерна класна самоодбрана и Вооружена пролетерска правда како „Специјално означени глобални терористи“, продолжувајќи ја политиката на Трамп за „спротивставување на кампањата на политичко насилство на Антифа“.

Рубио истакна дека има намера да ги означи тие групи како „странски терористички организации“ од 20 ноември и предупреди дека Вашингтон ќе ги таргетира и други групи низ целиот свет, објавува Хина.

„Групите поврзани со ова движење се водени од револуционерни анархистички или марксистички идеологии, вклучувајќи антиамериканизам, антикапитализам и антихристијанство, користејќи ги за поттикнување и оправдување на насилни напади дома и во странство“, рече Рубио.

Според Стејт департментот, Антифа Ост, со седиште во Германија, организирала напади врз поединци што ги сметала за „фашисти“ во Германија помеѓу 2018 и 2023 година, „и била обвинета за серија напади во Будимпешта кон средината на февруари 2023 година“. Унгарија ја прогласи Антифа Ост за терористичка организација претходно оваа година.

„Групата FAI/FRI ја презеде одговорноста за закани со насилство, бомби и писма-бомби против политички и економски институции, вклучувајќи судови и други „капиталистички институции“, соопшти Стејт департментот.

Се додава дека Револуционерната класна самоодбрана „презеде одговорност за два напада со импровизирани експлозивни направи врз грчкото Министерство за труд и канцелариите на грчките железници“, додека Вооружената пролетерска правда „презеде одговорност за поставување бомба во близина на седиштето на грчката интервентна полиција во декември 2023 година“.

Трамп и неговите републикански сојузници ги обвинија следбениците на Антифа за поттикнување политичко насилство по атентатот врз конзервативниот активист Чарли Кирк.

За време на неговиот прв мандат, Трамп се закани дека ќе ја прогонува Антифа, а во септември со извршна наредба ја прогласи групата за терористичка организација, иако некои експерти за национална безбедност веруваат дека ова е правно неосновано, бидејќи Антифа нема ниту официјално раководство ниту организациска структура.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата