Родителите во Јужна Африка револтирани поради одвојувањето на бели и црни деца во градинка

Наставничката во Јужноафриканската Република беше суспендиранa „без одлагање” по скандалот што го предизвика фотографијата со бели и црни ученици кои седеа на одделни маси во градинка во Јоханесбург.

Белите ученици, кои се во мнозинство во оваа градинка, се фотографирани на голема маса, и црни ученици на посебна мала маса во аголот на училницата. Фотографијата беше испратена до родителите на вацап-групата за да бидат во тек со тоа како децата го поминале првиот ден од наставата.

Фотографиите, се разбира, создаваат непријатни асоцијации на темниот период на апартхејдот во Јужноафриканската Република, кој заврши во 1994 година.

Министерот за образование Село Лехар во провинцијата Норт Вест рече дека „остро го осудува” овој инцидент и дека наставничката е суспендирана „до крајот на истрагата”.

Тој, исто така, откри дека учениците на возраст од 4 до 5 години „се разделени врз основа на тоа кој го разбира англискиот а кој африканскиот”.

Училишната управа, исто така, го коментираше случајот, тврдејќи дека контроверзната фотографија фатила само еден момент во училницата и не била вистински одраз на политиката на градинка.

Во жестоката дебата околу овој скандал на социјалните мрежи, некои објавија други фотографии каде што децата седат и играат заедно, како доказ дека сепак не се сегрегирани со раса и дека фотографијата е тенденциозно искористена.

Сепак, мајката на црно дете изјави за „Тајмс“ дека директорот им кажал на родителите, откако некои од нив се жалеле на поделбата на црните и белите деца, дека ќе „ги среди работите” и дека неколку часа подоцна добиле нови фотографии на кои две црни деца се префрлени на маса со бели деца.

Во четвртокот пред училиштето се собраа демонстранти, од кои многумина го поддржуваат опозицискиот ЕФФ, објавија локалните медиуми. Некои бели родители, поради страв од нереди, ги повлекоа своите деца од училиште, а според извештаите на очевидец, некои родители дојдоа вооружени на училиште.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари