Прва реакција на Сирија по најавата на Трамп за можно укинување на санкциите

13.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Прва реакција на Сирија по најавата на Трамп за можно укинување на санкциите

Сириското Министерство за надворешни работи и иселеници денес ја поздрави изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со можноста за укинување на санкциите врз земјата, нарекувајќи ја „охрабрувачки чекор кон ублажување на страдањата на сирискиот народ“.

„Иако овие санкции првично беа воведени врз поранешниот диктаторски режим на Башар ал-Асад и придонесоа за неговиот крај, тие сега директно влијаат врз сирискиот народ и го попречуваат патот кон повоена обнова и реконструкција“, се вели во соопштението на сириското министерство на својот канал Телеграм, според новинската агенција САНА.

Во него се додава дека сирискиот народ бара целосно укинување на овие санкции како дел од пошироките мерки што го поддржуваат мирот и просперитетот и во Сирија и во регионот и, како што е наведено, „го отвораат патот за конструктивна меѓународна соработка што промовира стабилност и развој“.

Трамп денес за време на посетата на Саудиска Арабија изјави дека ќе преземе чекори за нормализирање на односите и укинување на санкциите врз новата сириска влада со цел да ѝ даде на земјата „шанса за мир“.

Трамп утре ќе се сретне со новиот сириски претседател Ахмад ал-Шарах во Саудиска Арабија, објави денес Белата куќа.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата