Во петокот, таа за CNN изјави дека нејзиниот поранешен партнер и американскиот претседател биле исклучително блиски, што фрла нова светлина врз контроверзноста околу случајот Епштајн, пишува Хафпост, пренесе Индекс.
„Тие беа најдобри пријатели“, изјави Стејси Вилијамс за Бријана Кејлар од CNN. „Бев во врска со Џефри четири или пет месеци и единствениот пријател што го споменуваше секој пат кога се среќававме или разговаравме по телефон беше Доналд“.
Сериозни обвинувања за злоставување
Вилијамс го опиша Трамп како „другар“ и „десна рака“ на Епштајн, тврдејќи дека биле „многу блиски и дека заедно планирале лоши работи“. Овие обвинувања не се нови. Вилијамс се огласи за време на претседателската кампања на Трамп во октомври со тврдењето дека Трамп сексуално ја нападнал во 1993 година, на состанок организиран од самиот Епштајн.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, ги отфрли нејзините обвинувања минатата година, велејќи дека „јасно е дека ова е лажна приказна што ја измислила кампањата на потпретседателката Харис“. Сепак, Вилијамс во петоикот повторно се осврна на инцидентот. „Кога ова ви се случува сред бел ден, во вашата канцеларија, со вашата асистентка што влегува и излегува... сте во целосен шок“, рече таа.
Трамп се дистанцира, ги тужи медиумите
Трамп и неговата администрација неодамна беа критикувани за нивното справување со случајот Епштајн. По месеци зголемување на тензиите околу објавувањето на документи, Министерството за правда и ФБИ објавија дека нема докази дека Епштајн е убиен во затвор или дека постои озлогласениот „список на клиенти“.
Исходот ги разочара некои од поддржувачите на Трамп, кои почнаа да се свртуваат против него. Трамп оттогаш се обиде да се дистанцира од целиот случај, нарекувајќи ги своите поддржувачи кои шпекулираат за тоа „глупави“ и „безумни“.
Целиот случај беше дополнително комплициран со тужбата на Трамп против новинарот на „Волстрит џурнал“. Тој ги тужеше за објавување на похотлива честитка за роденден што наводно му ја испратил на Епштајн во 2003 година, на која имало цртеж од гола жена со пораката: „Среќен роденден - и нека секој ден биде уште една прекрасна тајна“. Трамп сето тоа го нарече лажни вести, тврдејќи дека „никогаш во животот не цртал слика“ и дека „не црта жени“. „Тоа не е мој речник. Тоа не се мои зборови“, рече тој.
„Јас ги имам доказите. Каде се неговите?“
Но, според Стејси Вилијамс, таквата картичка совршено одговара на карактерот на дуото Епштајн-Трамп.
„Се шегувате? Знам што правеле заедно. Ми се случи мене. Положив полиграфски тест. Имам разгледница со љубовна порака што ми ја испрати по нападот“, остро возврати Вилијамс. „Имам докази. Каде се доказите на Доналд Трамп? Каде се? Знам што направиле и што значат. Поентата е многу јасна. Тие сигурно не печеле колачиња, ниту оделе на риболов заедно“.