Песков: Западот се повеќе станува свесен дека средствата за Украина ги краде режимот во Киев

12.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Песков: Западот се повеќе станува свесен дека средствата за Украина ги краде режимот во Киев

 Западот е сè повеќе свесен дека средствата доделени на Украина ги краде режимот во Киев, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во првата реакција на официјална Москва на вчера разгорениот корупциски скандал во соседната земја, што оди до самиот врв на власта, за кој по вчерашните апсења, денеска паднаа и првите политички оставки.

„Веруваме дека европските престолнини го забележаа ова, како и САД. На крајот на краиштата, ова се земјите кои се толку активни донатори на режимот во Киев. Овие земји, се разбира, сè повеќе почнуваат да разбираат дека значителен дел од парите што ги земаат од своите даночни обврзници се проневерени од режимот во Киев. Тоа е апсолутно очигледно. Сè повеќе луѓе го разбираат ова“, изјави Песков пред новинарите како одговор на прашање.

За потсетување, Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) вчера објави за големата операција за откривање на корупциски шеми во енергетскиот сектор. Станува збор за криминал во компанијата „Енергоатом“,„тежок“ наводно 100 милиони долари, а во кој биле вклучени голем број видни луѓе од бизнисот и политиката. Лидер на оваа криминална шема бил Тимур Миндих, кој бил советник на претседателот Зеленски, кој сега е во бегство.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата