Нигерија соопшти дека му дава политички азил на опозиционерот од Гвинеја-Бисау, Фернандо Диаш

2.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нигерија соопшти дека му дава политички азил на опозиционерот од Гвинеја-Бисау, Фернандо Диаш

Нигерија му додели политички азил на Фернандо Диаш, опозициски кандидат на претседателските избори во Гвинеја-Бисау на 23 ноември и ривал на досегашниот претседател Умаро Сисоко Ембало, кој беше симнат од власт три дена по изборите со воен удар, соопшти синоќа нигериското Министерство за надворешни работи.

На 27 ноември, Диаш изјави дека тој победил на претседателските избори, обвинувајќи го Ембало дека го „организирал“ пучот со кој војската дошла на власт и го прекинала изборниот процес во пресрет на планираното објавување на резултатите.

Диаш рече дека успеал да побегне на денот на пучот, 26 ноември, кога вооружени лица пристигнале во неговиот изборен штаб во Бисау за да го уапсат, и увери дека е безбеден и се крие во земјата.

Федералната влада на Нигерија одлучи „да му додели политички азил и да обезбеди заштита на Фернандо Диаш Да Кошта“, се наведува во документ испратен до АФП од портпаролот на нигериското Министерство за надворешни работи, Алкасим Абдулкадир.

- Дејствувајќи во интерес на намалување на тензиите, Нигерија го искористи своето суверено право за да спречи понатамошна ескалација на тензиите и да ја промовира социјалната кохезија во Гвинеја-Бисау и во западноафриканскиот субрегион, додаде тој.

Оваа одлука е „мотивирана исклучиво од потребата за мир, безбедност за луѓето и регионална стабилност“, во согласност со „историската улога на Нигерија како стабилизирачка сила во Западна Африка“, посочи портпаролот.

Во меѓувреме, делегација од Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС) вчера ја посети Гвинеја-Бисау за да се сретне со претставници на хунтата што дојде на власт и да изрази осуда за пучот.

- Имавме продуктивни дискусии, двете страни ги изразија своите загрижености, изјави по средбата министерот за надворешни работи на Сиера Леоне, Алхаџи Муса Тимоти Каба.

Делегацијата „го осуди пучот и побара итно враќање на уставниот поредок, што конкретно вклучува изборниот процес да се остави да го достигне својот логичен крај“, посочи Каба.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата