Најмалку две жртви во ураганот на Флорида, властите најавуваат нова опасност

Најмалку две лица загинаа кога ураганот Мајкл ја погоди Флорида со јачина од четврта категорија, што е едно ниво под најсилниот ранг на урагани. На Флорида, во Алабама и Џорџија речиси половина милион луѓе се без електрична енергија, пренесуваат американските медиуми.

Првично, претставници на властите во Флорида соопштија дека едно лице загинало откако дрво паднало врз него, но Еј-би-си њуз објави и дека едно дете загинало на езерото Семинол, на територија на сојузната држава Џорџија.

Официјални лица во Јужна Каролина изјавија дека повеќе се грижат за евентуални торнада отколку за поплавите што, како што предупредуваат метеоролозите, ќе ги донесе ураганот Мајкл.

Метеоролошката служба соопшти дека торнада се можни во северозападна Флорида, југоисточна Џорџија и Јужна Каролина.

Околу 320.000 луѓе не биле евакуирани од брегот на Мексиканскиот Залив на Флорида, пред доаѓањето на ураганот, изјави во средата американскиот претставник на Црвениот крст.

Иако државните и локалните власти издадоа наредби за евакуација на околу 325.000 луѓе, Управата за вонредни состојби соопшти дека не е јасно колку луѓе ја напуштиле областа, но рече дека 6.000 лица биле сместени во 80 засолништа во пет федерални држави, објави агенцијата АП.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари