Кремљ планира да го зголеми извозот на нафта користејќи модерни технологии за да ги избегне санкциите

2.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кремљ планира да го зголеми извозот на нафта користејќи модерни технологии за да ги избегне санкциите

Намалувањето на руските испораки на нафта за Индија може да биде само привремено, бидејќи Русија планира да го зголеми својот извоз на суровината користејќи современи технологии за да го избегне влијанието на западните санкции, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

- Можно е многу краток временски период да има незначително намалување на обемот на трговијата со нафта, изјави Песков пред индиските новинари, одговарајќи на прашање за влијанието на санкциите врз рускиот извоз.

Неговата изјава доаѓа пред дводневната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Индија, кој се очекува да пристигне во Делхи в четврток.

Индија, најголемиот купувач на руска нафта преку бродови, го намали увозот на сурова нафта од Москва под притисок на западните санкции, особено оние што Вашингтон ги наметна на најголемите руски производители на нафта „Роснефт“ и „Лукоил“.

Русија е најголемиот снабдувач на нафта за Индија, која е трет најголем увозник и потрошувач на нафта во светот.

- Москва работи на создавање „неопходна средина“ за купувачите што ја бараат нејзината нафта, рече Песков за време на видеоконференција организирана од руската информативна агенција „Спутник“, пренесува ТАСС.

- Имаме богато искуство во работење во режим на овие незаконски санкции, рече тој.  Имаме сопствени технологии за тоа. Ќе продолжиме да ги усовршуваме овие технологии доколку санкциите продолжат, потенцираше портпаролот.

Трговијата меѓу Русија и Индија мора да биде заштитена од притисокот на трети страни, нагласи Песков, појаснувајќи дека начините на плаќање ќе бидат дел од разговорите меѓу Путин и индискиот премиер Нарендра Моди.

- Сметаме дека наметнатите санкции се незаконски од гледна точка на меѓународното право, истакна Песков. - Санкциите може да се сметаат за легитимни само доколку се одобрени од Советот за безбедност на ОН, заклучи портпаролот.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата