„Постои нов моментум, што треба да доведе до сеопфатен, праведен и траен мир“, напиша претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во писмото со покана објавено денеска.
„Затоа е важно за нас да размениме мислења за тоа како понатаму да ја поддржуваме Украина и за принципите што треба да се почитуваат понатаму“, напиша тој.
ЕУ е „подготвена да преземе поголема одговорност за безбедноста на Европа“ и треба да се подготви „за можен европски придонес кон безбедносните гаранции што ќе бидат неопходни за да се обезбеди траен мир во Украина“, напиша Коста, пренесе германската агенција.
Во однос на европската одбрана, лидерите на ЕУ треба да ги преземат „првите одлуки на краток рок, со цел Европа да стане посуверена, поспособна и подобро опремена да се справи со непосредните и идните предизвици за нејзината безбедност“, напиша Коста.
Состанокот на 6 март е свикан за да се разговара како да се одговори на драстичната промена на курсот во американската политика во однос на војната во Украина, појаснува ДПА.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше првиот и досега единствениот лидер на ЕУ што беше примен во Белата куќа, вчера ги информираше колегите за неговите неодамнешни разговори со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.