Над 56.000 делегати се регистрирани за учество на конференцијата на ОН за климата КОП30 во Белем, Бразил, што би можело да го направи овогодинешниот форум еден од најпреполните во историјата на форматот, објави Карбон Бриф, повикувајќи се на прелиминарен список на делегати објавен од Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени.
Според прелиминарните податоци, 193 земји, плус Европската Унија, имаат регистрирано делегации за настанот.
Со 56.118 делегати регистрирани за учество на лице место, конференцијата во Белем би можела да стане втора по големина КОП по онаа во Дубаи во 2023 година (КОП28), на која присуствуваа над 80.000 луѓе. Бројките се прелиминарни, а конечната бројка, објавена по конференцијата, обично е околу 10.000 луѓе помала, што би ја поставило КОП во Белем на четвртото место по бројот на учесници.
Одделно, 5.000 луѓе изјавија „виртуелно“ учество - најголем број досега на оние кои сакаат да ги следат преговорите преку интернет.
За прв пат во историјата, Соединетите Американски Држави, историски најголемиот загадувач на стакленички гасови, не испратија делегација на конференцијата. Уште во јануари, претседателот Доналд Трамп потпиша писмо до ООН, со кое по втор пат започна постапка за повлекување на најголемата економија во светот од Парискиот климатски договор. Постапката сè уште не е завршена, но претходно овој месец Белата куќа потврди дека „високи претставници“ на владата нема да бидат присутни во Белем.
Покрај САД, Авганистан, Мјанмар и Сан Марино исто така не испратија делегации.
Се очекува земјата домаќин, Бразил, да има најголема делегација - 3.805 луѓе. По неа следат Кина (789 учесници), Нигерија (749), Индонезија (566) и Демократска Република Конго (556).
Меѓу европските земји, Франција регистрираше најголем број учесници – 530, што ја сместува на шестото место во вкупниот пласман.
Во пресрет на конференцијата, се раширија публикации за недостиг на кревети и „вртоглави“ цени за ноќевање во Белем. Бразил дури понуди и бесплатни кабини на крузери донесени во градот за сместување на делегации од земји со ниски приходи кои инаку не би можеле да присуствуваат, потсетува Карбон Бриф.
Покрај хотелите, становите за изнајмување и крузерите, учесниците се сместени и во специјално опремени контејнери за превоз, како и во мотели.

