Извештај на ЕУ за миграцијата: Илегалните преминувања на надворешните граници намалени за 35 отсто

12.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Извештај на ЕУ за миграцијата: Илегалните преминувања на надворешните граници намалени за 35 отсто

Извештајот, кој е во рамки на Пактот за миграција и азил, чија целосна имплементација треба да почне во јуни 2026 година, дава сеопфатен преглед на состојбата со азилот и миграцијата во ЕУ и ги идентификува миграциските предизвици со кои се соочуваат земјите членки. Дополнително, со промоцијата на овој документ, Еврокомисијата предложи и создавање на Годишен фонд за солидарност. 

Со ова, според еврокомесарот за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, ЕУ врти нова страница, манифестира контрола и единство и ги поддржува земјите членки кои се соочуваат со најнесразмерни притисоци. 

- Градиме силен, фер и цврст систем преку намалување на нерегуларните пристигнувања (на мигранти), посилна миграциска дипломатија и стабилен напредок со новите правила, рече Брунер промовирајќи го Годишниот извештај.  

Според него, клучно за успехот на ЕУ во справувањето со предизвиците со миграцијата и азилот е зачувување на рамнотежата помеѓу солидарноста и одговорноста. 

- Мора да продолжиме да напредуваме во скринингот и процедурите на границите, во забрзување на постапките за азил и овозможување на ефективни враќања, додаде Брунер, кој попладнево ќе го презентира Извештајот и пред пратениците во Европскиот парламент. 

Во извештајот се наведува дека во периодот што тој го опфаќа, од јули 2024 до јуни 2025 година, е нотирано континуирано подобрување на миграциската состојба, со намалување на илегалните гранични преминувања за 35 отсто, како резултат на подобрената соработка со земјите партнери на ЕУ.  

Во документот се нагласува дека и покрај овој напредок, остануваат предизвици поврзани со континуираниот притисок од нерегуларните пристигнувања и движења во рамките на ЕУ, со сместувањето на бегалците од Украина, со злоупотребата на миграцијата од страна на Русија и Белорусија на надворешните граници, како и со соработката во однос на враќањето и реадмисијата на илегалните мигранти. 

- Земјите членки продолжуваат да напредуваат во спроведувањето на Пактот за миграција и азил и во обезбедувањето нивните национални системи за азил, прием и миграција да бидат подготвени до јуни 2026 година. Сепак, постои општа потреба да се забрза темпото на овие реформи. Постојаниот напредок во спроведувањето на сите компоненти на Пактот, трендот на намалување на нерегуларните пристигнувања и проекцијата за следната година, заедно со охрабрувачките резултати од сеопфатната соработка со земјите партнери, поставуваат солидна основа за ефикасно управување со миграцијата и азилот, заклучува Европската комисија. 

Во Извештајот се оценува дека Грција, Италија, Кипар и Шпанија се „под миграциски притисок“ како резултат на високото ниво на пристигнувања на мигранти во текот на изминатата година, поради што овие четири земји ќе имаат приоритет во остварувањето на правото на помош од Фондот за солидарност, кој би требало да стане оперативен со стапувањето во сила на Пактот за миграција и азил. 

Од друга страна, за Белгија, Бугарија, Германија, Естонија, Ирска, Летонија, Литванија, Полска, Финска, Франција, Холандија и Хрватска, Комисијата проценува дека се изложени на „ризик од миграциски притисок“, како поради големиот број пристигнувања на мигранти во текот на претходната година, така и поради актуелната преоптовареност на нивните системи за прием.  

За Австрија, Бугарија, Естонија, Полска, Хрватска и Чешка, се оценува и дека се соочуваат со „сериозна миграциска ситуација“ поради миграциските притисоци од последните пет години. 

ЕК најави и дека наскоро ќе објави и тендер вреден 250 милиони евра за поддршка во набавка на дронови и системи за справување со беспилотните летала, со цел за да им помогне на земјите членки кои се соочуваат со хибридни закани и зголемени упади на дронови. 

Годишниот извештај на ЕУ се базира на информации обезбедени од земјите членки, Европската статистичка служба (Евростат), агенциите на ЕУ и Европската служба за надворешни работи. Комисијата секоја година ќе објавува вакви извештаи за проценка на целокупната миграциска ситуација во ЕУ, со цел да се добие увид дали постојаните механизми нудат соодветен одговор за предизвиците и одговорностите со кои се соочуваат земјите членки.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата