Италијански банди им кршеле коски на немоќни луѓе за да им земат пари од осигурувањето

Италијанската полиција објави дека разбила две банди кои барале волонтери за да им ги кршат коските, со цел повредите да ги наплатат кај осигурителните компании.

Криминалците наоѓале зависници од дрога, алкохоличари или луѓе со финансиски потешкотии кои учествувале во наводни сообраќајни несреќи, за да добијат отштетување од осигурувањето.

Полицијата уапси единаесет лица, вклучувајќи и медицинска сестра, која на повредените им давала аналгетици, кога членовите на бандата им ги кршеле коските со тегови за вежбање.

Потоа тие ги фрлале повредените на улиците во Палермо, каде што наводните жртви викале итна помош и лажеле дека претрпеле несреќа.

Измамниците им ветувале 30 отсто од износот на отштетувањето, кој достигнувал и до 150 000 евра и им дозволувале на жртвите самите да одберат кои коски ќе им ги скршат.

Но, од полицијата соопштиле дека жртвите добивале само од 50 до 100 евра, дури и во случаи кога поради повредите завршувале во инвалидска количка.

Најлошиот ваков случај е регистриран во јануари минатата година, кога еден член на банда ненамерно убил мигрант од Тунис во обид да му ги скрши коските. Но, тоа не ги спречило измамниците неговото тело да го остават на патот и да побараат пари од осигурувањето.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари