„Имаше крв насекаде! Беше ужасно, насилството, како во филм! Како да не беше вистинско, имаше општа паника во возот“ - ова се зборовите на еден од сведоците на ужасниот напад со нож што се случи синоќа околу 20:20 часот во Велика Британија, кога 10 лица беа повредени, од кои 9 сериозно.
Тие беа избодени во воз за Кембриџшир, кој е оддалечен околу 80 километри од Лондон, по што беа уапсени две лица, а полицијата објави дека станува збор за „значаен инцидент“ и потврди дека антитерористичките единици ќе ја поддржат истрагата.
Девет од повредените беа однесени во болница со повреди опасни по живот, додека едно лице беше хоспитализирано со полесни повреди, објави Би-Би-Си утрово.
Полицијата и амбулантните возила им пружија помош на другите патници во возот, кои се тресеа од страв и стрес.
- Видов човек како оди низ возот облеан во крв, викајќи „имаат нож, ме избодоа“. Видов 12 лица како ги носат во болница - рече друг сведок на прободувањето. - Напаѓаа секого пред нив!, вели во сведочењето.
Британската полиција соопшти дека работи на утврдување на околностите и мотивите на инцидентот, како и дека националниот код „Платон“ бил користен во одговорот на полицијата и службите за итни случаи на инцидентот, според „Гардијан“.
Инцидентот се случил помеѓу станиците Стивениџ и Питерборо, предизвикувајќи прекин на сите железнички линии, а железничката компанија LNER синоќа ги повика луѓето да „не патуваат“ поради „големи прекини“ во сообраќајот како резултат на повеќекратни убоди со нож во воз до Хантингдон во Кембриџшир.
Локалната полиција соопшти дека вооружени полициски сили биле испратени на станицата Хантингдон по повик во 19:39 часот вчера.
„Вооружени полицајци го запреле возот во Хантингдон, каде што биле уапсени двајца мажи“, соопшти полицијата.

