Поранешниот градоначалник на Истанбул Екрем Имамоглу, кој беше уапсен на 19 март под обвинение за корупција, го оцени како „срамен“ обвинителниот акт во кој турското обвинителство побара казна затвор до речиси 2.400 години за него и повика судскиот процес да се пренесува во живо на турската телевизија, објави весникот „Созџу“.
Во обвинителниот акт, кој вчера беше поднесен до Истанбулскиот кривичен суд за тешки дела, се вклучени имињата на 105 притворени и 170 лица со мерка судски надзор, при што вкупниот број на осомничени лица е 402. Според документот, Имамоглу е обвинет за создавање и раководење организирана криминална група, додека обвиненијата кон останатите вклучуваат свесно помагање на групата, давање и примање поткуп, изнуда, злоупотреба при тендери, нанесување штета на јавни организации преку измами и други.
„Немаме што да криеме од нашиот народ. Тие (властите) успеаја да подготват обвинителен акт 237 дена подоцна, благодарение на незаконска истрага, проследена со клевети, интриги и прогон, кои се без преседан за судскиот систем. Овој обвинителен акт е насочен против Републиканската народна партија (НРП), која ја основа нашата република. Ова е срамно! Повикувам Парламентот да обезбеди пренос на судскиот процес на државната телевизија ТРТ и другите канали“, напиша Имамоглу денеска во своето соопштение за обвинителниот акт.
Паралелно со објавувањето на обвинението против Имамоглу, Истанбулското обвинителство побара од Врховниот касационен суд на Турција да покрене постапка за затворање на главната опозициска партија во земјата – Републиканската народна партија (НРП), поради незаконско финансирање.
- Со ова обвинение, турската Влада откри дека сака да ја откине оваа земја од демократијата, коментираше денеска портпаролот на НРП, Дениз Јуџел, нагласувајќи дека обвиненијата против Имамоглу не претставуваат „правен документ, туку политички напад насочен против целата партија“.
Имамоглу беше уапсен на 19 март под обвинение за корупција, а неколку дена подоцна општинскиот совет во Истанбул привремено го отстрани од функцијата и му одреди мерка притвор. Во рамките на истрагата за корупција во Истанбулската голема општина, беа задржани и голем број општински службеници. Апсењата предизвикаа бран протести, опишани како најмасовни во Турција од 2013 година.

