Европските лидери со надеж дека ќе избегнат катастрофа од американско повлекување од НАТО

Европските лидери во пресрет на самитот на НАТО во Брисел стравуваат дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе продолжи со неговите закани за повлекување на американската воена заштита за сојузниците и покрај уверувањата од високи претставници, како министерот за одбрана на САД, Џејмс Матис.

Висок претставник на НАТО за Си-Ен-Ен изјавил дека членките на Алијансата се подготвуваат за најлошото сценарио на самитот, а тоа е дека Трамп ќе ја повтори заканата за крај на соработката со НАТО сојузниците, поради тоа што не успеале да ја постигнат целта, а тоа е да издвојуваат по најмалку 2 проценти од БДП за одбрана до 2014 година.

Трамп беше пречекан со остри реакции од претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој го обвини дека речиси секојдневно ја критикувал Европа.

“Почитувана Америка, почитувајте ги сојузниците, и после сè, немате толку многу” напиша Туск на Твитер.

Туск додаде дека ЕУ потрошила повеќе од Русија за одбрана, односно исто колку и Кина. Претседателот на Европскиот совет рече дека САД нема да имаат подобар сојузник од ЕУ, потсетувајќи го американскиот претседател дека европските трупи, исто така, се бореле и загинале во Авганистан по нападите на САД на 11 септември 2001 година.

Трамп пак од своја страна, оценува дека состанокот на НАТО би можел да биде потежок од самитот со рускиот претседател, Владимир Путин, следниот месец во Финска. Неговата главна забелешка е дека сите членки на НАТО се уште не ги зголемиле своите буџети за одбрана и дека целиот товар го носат САД.

Од вкупно 29 членки на Алијансата, само пет ја постигнале целта годинава – САД, Грција, Естонија, Британија и Летонија.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари