ЕК не го коментира откажувањето на средбата Калас-Рубио

27.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕК не го коментира откажувањето на средбата Калас-Рубио

 Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас за време на посетата на САД нема да се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио, потврди денеска Европската комисија. 

- Немам што да додадам ништо на она што веќе е кажано. Навистина високата претставничка нема да се сретне со државниот секретар Марко Рубио за време на ова патување поради проблеми во агендата и немам што друго да споделам со вас, изјави портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар ел Ануни во одговор на новинарско прашање дали средбата со Рубио била потврдена од американска страна пред заминувањето на Калас за САД.  

Заменичката главна портпаролка на Еврокомисијата, Арија Подеста додаде дека и покрај откажаната средба со Рубио, Калас има средби со други високи претставници на Американската администрација.  

На прашање како ЕК ги оценува досегашните односи со Вашингтон, имајќи ја предвид откажаната средба на Калас со Рубио и тоа што претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се уште не се сретнала со претседателот на САД, Доналд Трамп, Подеста истакна дека контактите меѓу ЕУ и Белата куќа продолжуваат на различни нивоа. 

Таа нагласи дека еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчович минатата недела престојуваше во посета на САД, а Фон дер Лајен имала „добра средба“ со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс. 

- Важен аспект е дека овие контакти се одржуваат и нашиот фокус е на она што пред се е важно за европските граѓани, за европските бизниси, за постигнување на праведен и одржлив мир во Украина и за меѓународните предизвици што ги споделиме со нашите американски партнери. Причините да бидеме во контакт се многубројни, било да се тоа економски или геополитичко и ние продолжуваме да се ангажираме на тоа, додаде Подеста.  

Калас во понеделникот пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ најави дека ќе отпатува за САД на средба со државниот секретар Марко Рубио и други претставници за да разговара за „потребата од што е можно повеќе интеракции“ меѓу ЕУ и новата Американска администрација, пред се за Украина, затоа што, како што рече, ниту еден договор за оваа земја нема да биде можен без учество на Европската Унија. 

Меѓутоа, вчера беше соопштено дека сепак за време нејзиниот дводневен престој во Вашингтон, вчера и денеска, Калас дека нема да се сретне со Рубио поради „проблеми со агендата“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата