Бајден одобри нов меморандум за национална безбедност- четири држави им се непријатели на САД

11.12.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Бајден одобри нов меморандум за национална безбедност- четири држави им се непријатели на САД

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, одобри нов меморандум за национална безбедност, кој треба да послужи како патоказ за идната администрација на новоизбраниот претседател на таа земја, Доналд Трамп, за да се спротивстави на ризиците поради зголемениот соработка меѓу Русија, Иран, Северна Кореја и Кина, соопштија денеска од Белата куќа.

Администрацијата на Бајден започна да го развива меморандумот за насоки ова лето и тој е дизајниран да ѝ помогне на следната администрација да го изгради својот пристап од првиот ден за тоа како да се справи со заострувањето на односите со најистакнатите противници и конкуренти на САД, рекоа двајца високи административни претставници за АП.

Официјалните лица, кои говореа под услов да останат анонимни според правилата на Белата куќа, рекоа дека доверливиот меморандум нема да биде објавен поради чувствителноста на некои од неговите наоди.

Документот вклучува четири општи препораки: подобрување на соработката меѓу владините агенции, забрзување на споделувањето информации со сојузниците за четирите земји кои се сметаат за американски противници, одредување на нивото на употреба на санкции и други економски алатки од страна на американската влада за да се постигне нивната максимална ефикасност и зајакнување на подготовките за управување со симултани кризи во кои се вклучени противници.

Официјални лица рекоа дека Русија, сè поизолирана по нејзината агресија против Украина, се сврте кон Иран за беспилотни летала и проектили, и доби артилерија, проектили, па дури и илјадници војници од Северна Кореја за да им помогне на Русите да ги одбијат украинските сили од регионот Курск, додека Кина во меѓувреме ја поддржува Русија со двонаменски компоненти наменети за руската воена индустрија.

За возврат, Русија испрати борбени авиони во Иран и му помогна на Техеран во неговите напори да ја зајакне својата ракетна одбрана и вселенската технологија, додека Северна Кореја го доби многу потребното гориво и средства од Русија за да помогне во изградбата на своите производствени и воени капацитети.

Официјални лица предупредија дека Русија „де факто ја прифатила Северна Кореја како држава со нуклеарно оружје“.

Во меѓувреме, Кина има корист од руското знаење, при што двете земји работат заедно за да ја продлабочат својата воено-техничка соработка и, исто така, спроведуваат заеднички патроли во регионот на Арктикот.

Бајден и новоизбраниот претседател Доналд Трамп имаат остро различни погледи на светот, но официјални лица и од администрациите кои доаѓаат и во заминување рекоа дека се обидуваат да ги координираат прашањата за националната безбедност за време на транзицијата на власта до инаугурацијата на Трамп на 20 јануари.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата