Австралија ѝ испорача тенкови „Абрамс“ на Украина

19.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Австралија ѝ испорача тенкови „Абрамс“ на Украина

Австралиската влада соопшти дека испорачала тенкови „М1А1 Абрамс“ на Украина како дел од пакетот од 245 милиони австралиски долари (над 137 милиони евра) за да ѝ помогне на земјата да се одбрани од Русија, пренесуваат светските агенции.

Австралија, еден од најголемите донатори на Украина надвор од НАТО, испорачува помош, муниција и опрема откако Москва ја нападна соседната земја во февруари 2022 година.

Украина веќе ги доби повеќето од 49-те тенкови обезбедени од Австралија, а останатите ќе бидат испорачани во наредните месеци, изјави министерот за одбрана Ричард Марлес.

„Тенковите „М1А1 Абрамс“ ќе дадат значаен придонес во тековната борба на Украина против нелегалната и неморална инвазија на Русија“, рече министерот.

Тенковите се дел од помошта од 1,5 милијарди австралиски долари што Канбера ѝ ги обезбеди на Украина во конфликтот, соопшти владата.

Австралија, исто така, забрани извоз на алуминиум оксид и алуминиумски руди, вклучително и боксит, во Русија и воведе санкции против околу 1.000 руски физички и правни лица.

Левоцентристичката лабуристичка влада на Австралија годинава ја нарече Русија агресор во конфликтот и повика војната да се реши според условите на Киев. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата