Документарецот за Еди Марфи излегува денеска (ВИДЕО)

12.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Документарецот за Еди Марфи излегува денеска (ВИДЕО)

 Документарецот „Да се биде Еди“ (Being Eddie) на „Нетфликс“, којшто ја раскажува целата кариера и животот на легендарниот комичар Еди Марфи, ги прикажува и оние кои биле инспирирани од него или работеле со него, меѓу кои се и Дејв Шапел, Крис Рок, Кевин Харт, Џери Брукхајмер и Брајан Грејзер. Уште еден занимлив детаљ е присуството на постариот брат на Еди - Чарли Марфи, кој почина од леукемија на 57-годишна возраст, во 2017 година.

Марфи, за „Ентертејнмент викли“ (Entertainment Weekly), појасни дека појавувањето на неговиот покоен брат во документарен филм за неговиот живот - не барало многу размислување.

- Немаше одлука што чекаше да се донесе. (Станува збор) за мојот живот и тој (Чарли) е огромен дел од него... Огромно влијание... Ги имаш татко ти и постар брат - тие се твоите заштитници. Значи, тој е дел од сѐ тоа. Секој ден размислувам за Чарли, па затоа е постојано присутен, вели Еди.

Покојниот комичар е прикажан преку архивски снимки - како гордо се фали со достигнувањата на својот помал брат... Еди признава дека, гледајќи го документарецот, бил воодушевен од тоа како си дозволил да биде ранлив во тие мигови.

- Тоа е единствениот пат. Никогаш, никогаш, никогаш, никогаш, никогаш во 50 години од оваа работа, во 50 филмови - само во тој дел од секундата... Добивате увид во мојата целосна ранливост - само јас. Тоа се, отприлика, можеби две секунди, но има трепкање таму. Доволно за да го чувствувате тоа, и ова е првпат да ме фатат на камера. Тоа е она што го добивам кога гледам, додаде тој.

Поттикот да не си дозволи да биде целосно јавно ранлив, вели, произлегува од неговите искуства со давањето интервјуа на почетокот на неговата кариера, кога ѝ се приклучи на емисијата „Сатердеј најт лајв“ на само 19 години и брзо се претворил во филмска ѕвезда следните неколку години. Глумецот го препознава и влијанието што неговиот успех го имаше врз Холивуд.

- Причината зошто работите се променија по „Полицаецот од Беверли Хилс“ е тоа што се промени перцепцијата. Некои како и никогаш да не помислиле дека филмот на црнец - ѕвезда ќе го обиколи целиот свет, или дека црниот глумец е „најголемиот“, бидејќи ова е „бизнис на белиот човек“. Белиот машки Холивуд го направи ова за бели мажи. Успехот на тие филмови ги натера да си речат: „Еј, каде што има еден, ќе има уште еден, и уште еден и уште еден“, вели Марфи.

Документарецот „Да се биде Еди“ излегува денеска. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата