Доделување на наградите за најдобрите филмови снимени со мобилен телефон

Со доделување на наградите на најдобрите филмови снимени со мобилен телефон, денеска, во 17 часот, во Кинотеката на Македонија, ќе биде затворен деветтиот „Мобил фестивал“. Ќе бидат доделени наградите за најдобрите филмови во македонска и во меѓународна селекција. Авторот на најдобриот филм ќе добие стипендија од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА – Скопје.

Од 750 пријавени филмови од автори од целиот свет, тричлено жири ја направи селекцијата на десетина филмови што ќе бидат прикажани, а ги избраа и најдобрите наслови во четири категории.

Филмовите ги оценуваа: Весна Ристовска, режисер, Сашо Павловски, режисер, продуцент, и Гораст Цветковски, актер.
Ќе бидат доделени наградите во следните категории: награда за најдобар филм „Ратка Илиевска – Лале“, награда за најинвентивен филм, награда за најоригинална приказна и награда за најдобра идеја.

„Под мотото „Сонувај многу, почни од малку“, во изминатите два месеца добивме интересни филмови од целиот свет, како и од Македонија. Ги охрабруваме авторите да создаваат филмови и видеа со мобилен телефон и да ни ги испратат и за јубилејното 10. издание на фестивалот“, велат организаторите.

Во рамките на фестивалот беа прикажани два играни филма: „Планинско чудо“ и „Помош, ја смалив учителката“, а се одржа и работилница за изработка на филмови со мобилен.

Фестивалот го организира продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ филм и медија“ од Скопје.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари