(Видео) Стрелците Џингов и Бранковски и покрај постигнатите норми, МОК не ги пушта на Олимпијада

Македонскиот олимписки комитет упорно ги игнорира резултатите од светските и европските првенства во стрелашство на Јане Џингов и Борјан Бранковски со кои, како што велат, обезбедуваат норма за натпреварување на Олимписките игри. Селекторот на македонската стрелачка федерација, Јордан Тасевски веќе неколку месеци е во конфлик со спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски за кој вели дека повеќе од 2 години ги игнорира успешните резултати на Џингов и Бранковски.

„Нејасно е зошто комитетот ги игнорира резултатите. Борјан Бранковски уште пред една година на светскиот куп во 2017 има освоено голем резултат и висок пласман, истиот резултат го оствари и на светското првенство пред пет дена во дисциплина пиштол. Богоевски го игнорира овој резултат кој беше предложен од селекторот и Македонската стрелачка федерација да биде помогнат од МОК со стипендија. Богоевски во овој случај повторно избра стрелец кој веќе бил на олимпијада со вајлд карта што значи дека нема можност повторно да отиде на истиот начин, а исто така избира и да го финансира истиот, вели селекторот на македонската стрелачка федерација“, Јордан Тасевски.

Постојат два начина стрелците да се квалификуваат на олимпијада, со остварување на А и Б норма. А нормата претставува директен влез преку освојување на првите 4 места на светско или европско првенство во стрелашство кои меѓународната стрелачка организација ги прогласува за квалификациони, додека Б нормата се остварува кога стрелецот ќе направи минимален квалификационен резултат по што домашниот олимписки комитет треба да испрати покана за обезбедување на универзално место со вајлд карта.

„Се занимавам со спортско стрелашство 10 години, од кои професионално 3-4. Повеќекратен државен првак сум со воздушен пиштол, имам постигнато Б норма односно минимален квалификационен резултат неколку пати, последен пат сега во Шангвонг во Кореа на светскиот куп. Исто така и минатата година во 2017 година во Минхен, Германија каде го испукав истиот резултати 570. Од селекторот бев предложен за стипендија од Македонскиот олимписки комитет, но тие не ме одбраа“, вели стрелецот Борјан Бранковски.

Макфакс се обиде да стапи во контакт со спортскиот директор на македонскиот олимписки комитет, но оттаму кажаа дека тој моментално не се наоѓа во државата, а за јавноста ќе биде достапен дури од наредната недела. Селекторот Тасевски смета дека МОК свесно и намерно фаворизира одредени стрелци при нивниот избор за стипендирање и апликација за учество на Олимписките игри.

„Сигурни сме дека Богоевски тоа го прави свесно и намерно, но тоа нас не не засега, ние само бараме да ја исполни неговата законска обврска и да ги спроведе правилата. Тој не треба да се меша во изборот на федерациите, тие сами одлучуваат и предлагаат стрелци. Богоевски по порталите изнесува лаги и невистини, ги деградира и омаловажува резултатите на спортистите наместо да ги мотивира и пофалува“, вели Тасевски.

Јане Џингов на последните 4 квалификациони натпревари константно го накачува својот резултат по што ситгнал до 20 круга над минималната пропишана норма за младински олимписки игри, но сепак од МОК немаат слух за неговиот резултат кој е верификуван и стои на листата на Светската стрелачка организација со код MQS или минимална пропишана квалификациона норма.

„Со спортско стрелашство се занимавам од мојата 15 година, највисок резултат кој го имам постигнато досега е 602 круга и со тоа обезбедувам минимален квалификационен резултат за Млади олимписки игри кои треба да се одржат за 3 недели во Буенос Аирес, Аргентина. За мојот резултат МОК неколку пати е известен од страна на спортската стрелачка федерација, но од Олимпискиот комитет нема никакво известување дали јас сум пријавен за да бидам избран за Вајлд карта“, вели Џингов.

Како што вели селекторот од стрелачката федерација, МОК бил должен до 15 јануари 2017 за Јане Џингов да достави апликација за обезбедување универзално место за претстојната Младинска олимпијада.

„Дали таа апликација ќе одобрена или одбиена не е работа на комитетот. Богоевски не е тој кој треба да кажува дали му се допаѓа некој селектор или спортист“, вели Тасевски.

Селекторот Тасевски и двајцата надежни стрелци Јане Џингов и Борјан Бранковски се уште не губат надеж и се надеваат дека оваа неправда која е нанесена ќе биде конечно исправена со што сите спортисти безразлика во кој спорт ќе имаат еднаква можност да ја престават државата во најдобро светло на Олимписките игри.

Виктор Јованов

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари