Почеток на скијачката сезона на Попова Шапка

Скијачката сезона на Попова Шапка почнува од 06. јануари, а традиционално, за сите посетители скијањето на првиот ден е бесплатно, информираат од „ЕЛЕМ Турс“.

Од таму додаваат дека скијачкиот центар е целосно подготвен и екипиран за непречено и безбедно функционирање на ски-терените.

„Спроведени се редовните технички подготовки и активности за почеток и тек на новата ски-сезона, извршено е обележување на постојните патеки, а скијачките терени се подготвени со помош на машините за подготовка на скијачките патеки. За утрешното скијање во функција ќе биде ставена жичарницата – ‘Церипашина’ и ски-лифтовите ‘Аеродром’ и ‘Ге’. Нивниот капацитет изнесува околу 1800 скијачи за еден час“, се наведува во соопштението на „ЕЛЕМ Турс“.

Новина која се воведува сезонава е дека на сите патеки ќе има електронски ски-билети со што се очекува намалување на метежот на жичниците и ски-лифтовите.

„За двоседот „Св. Илија“ во тек се финалните работи од завршната фаза по инсталирање на опремата за контрола и управување на жичницата. Оваа жичница ќе биде ставена во функција дополнително“, појаснуваат од „ЕЛЕМ Турс“.

Од таму додаваат дека во однос на цените, остануваат вообичаените цени за ски-билетите.

„Сезонскиот билет е 9.500, дневниот билет, кој важи од 9 до 15 часот, ќе се продава по цена од 900 денари, полудневниот билет, кој важи од 12 до 15 часот, е 600 денари. Билетот за ноќно скијање, кој важи од 19 до 22 часот, ќе чини 500 денари. За сите билети се наплаќа повратна кауција во висина од 150 денари. Новина од оваа година е можноста за туристичко разгледување со снеготапкач по цена од 6.500 денари од час“, стои  во соопштението.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари