Ова не се мери со ништо друго - Македонија првпат на Европско!

Капитенот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Никола Ѓорѓиев, не го криеше одушевувањето од историскиот пласман на Европско првенство со триумфот од 3:0 вечерва во Скопје.

„Ова е сон. Најубавиот ден во мојот живот по раѓањето на ќерка ми. Ова не се мери со ништо друго: Македонија на Европско првенство!
Имаме три сребра од Европска лига. По поразот од Хрватска ми се уби желбата за одбојка, бидејќи сакавме триумф овде на фајналфорот во Сребрена лига. Но, еве ја сега радоста", изјави најдобриот македонски одбојкар.

„Верувавме, знаевме дека можеме. Им реков на момците да одиграме најдобро што можеме и успеавме. Дај боже да одат и фудбалерите на Европско, и сите други македонски селекции, да победуваат ракометарите", додаде првата „виолина" на националниот одбојкарски тим, петти во екипните спортови во Македонија што ќе настапи на континентален собир по ракометарките, ракометарите, кошаркарите и ватерполистите.

Со максималниот триумф од 3:0 против Унгарија во Скопје, одбојкарската репрезентација на Македонија се избори за прво учество на Европско првенство по 25 години чекање и 89 квалификациски натпревари од 1994 година наваму!

„Црвено-жолтите" ги добија трите сета од натпреварот во СРЦ „Кале" со 25-21, 25-20 и 25-21 и го освоија второто место во групата Ф, завршувајќи меѓу петте најдобри второпласирани селекции од седумте квалификациски групи.
Капитенот Никола Ѓорѓиев беше најкорисен играч во македонскиот тим со 17 поени, три повеќе од Александар Љафтов.

За пласманот на 31. ЕП, кое ќе се одржи од 12 до 29 септември годинава во Белгија, Франција, Холандија и Словенија, македонските одбојкари се изборија со по три победи и порази во групата.

Најнови вести

Коментари