Извини, Евгениј!

Извини Евгениј Поп Ацев што нема да учествуваш на Европското првенство на отворени води во трките на 10 и на 25 километри во Глазгов кое е во тек!

Ете, тоа треба да му го кажат државата и Пливачката федерација на Македонија на светскиот првак во маратонско пливање од 2015 година и единствениот Македонец кој победил на Охридскиот пливачки маратон, најголемата спортска манифестација од светски карактер што се одржува во Македонија, а не да си ја префрлаат топката за тоа чија одговорност е неучеството на Поп Ацев на ЕП во Глазгов. Извини, ама ние сме неспособни да испратиме еден пливач на ЕП бидејќи во меѓувреме не може да се договориме која ПФМ е легитимна, ете тоа треба да го каже Агенцијата за млади и за спорт, а не да бара отчет од ПФМ.

За спортист од рангот на Поп Ацев неучеството на континеталното првенство е рамно на катастрофа и тоа не смееше да се дозволи. Поп Ацев е редок, многу редок профил на спортист. Трудољубив, работлив, молчелив, вреден како мравка. Образован, за оние кои не знаат, тој е доктор по стоматологија, кој вложи многу труд, време, финансии за да стигне до врвот, таму каде што припаѓа. И штом тој првпат во неговата долгогоишна кариера реагира на неправдата, а сигурно досега биле многу, тогаш мора некој исклучително многу да згрешил!

Откако тој на социјалните мрежи напиша дека и покрај макотрпните тренинзи нема да учествува на ЕП во Глазгов, дури тогаш се јави ПФМ да ги отфрли обвинувањата дека намерно не бил пријавен за учество на трките на десет километри и на 25 километри на отворени води на ЕП во Глазгов. Од ПФМ наведуваат дека прелиминарна пријава била испратена уште на крајот од април за тројца пливачи и две официјални лица. Но, тие не добиле потврда за да пратат финална листа на учесници, затоа што од 7 јуни 2018 година до 31 јули 2018 година, ПФМ немала право да користи сметки, печат и службена електронска пошта која и беше замрзната. Зошто? ПФМ чекала конечна одлука од второстепена комисија по жалба за тоа – кој е легитимен претседател и раководство на ПФМ. А тоа е задача на АМС – да пресече кој е легитимен претседател на ПФМ.

Единствен кој имаше малку доблест во оваа афера беше Александар Поповски, членот на Управниот одбор на ПФМ кој си поднесе неотповиклива оставка, згрозен од непријавувањето на Поп Ацев на ЕП. Но, не се доволни само оставки, потребни се луѓе кои знаат да го водат спортот. Бидејќи малку спортисти имаме како Поп Ацев и треба да ги негуваме.

Извор: Република

Поврзани

Најнови вести

Коментари