Скопјани по 27. пат го одбележаа Бадник пред Соборниот храм

Пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ денеска се одржа традиционалниот народен собир по повод големиот христијански празник Бадник.

Од Град Скопје информираат дека кум на годинешното одбележување на Бадник во Скопје е Љупче Николовски, бизнисмен, сопственик на фирмата „Белина“, додека здравичар е Миливое Алексиевски, резбар, потомок од познатата мијачка тајфа Мирчевци и тренер и инструктор по пливање.

На традиционалното делење на бадниковите гранчиња на платото пред Соборниот храм денеска присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој му го предаде бадникарскиот ќуп на новиот кум.

Градоначалникот Шилегов на присутните и на сите христијани од православна вероисповед им ги честита Бадник и божиќните празници, пожелувајќи им добро здравје и благосостојба.

Со пригодна беседа пред скопјани денеска се обрати и Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан кој ја благослови погачата што беше поделена меѓу верниците.

Традиционалното одбележување на Бадник пред Соборниот храм годинава се одржа по 27-ми пат.

По завршувањето на средбата делегација на Одборот за прослава заминаа за Злокуќани во домот за стари лица, каде на лицата кои престојуваат во него им доделија пригодни подароци за Бадник.

Народниот собир е во организација на Граѓанското здружение „Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје“.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари