Фрарери од втора рака, се фалат ама од секнд хенд излегуваат со Армани

Скопјани и за 600 денари можат да се облечат од глава до пети во некои од ултра познатите брендови, како „Хуго Бос" или „Армани". Овие парчиња брендирана облека за многу пониска цена ќе ги најдете во продавниците за стара облека или позната кај граѓаните како секнд хенд (втора рака). Изминатите десет години, овој вид на пазарење е табу тема за жителите на главниот град, но такви продавници се уште постојат, а голем број луѓе се облекуваат таму. Најчести посетители во овие продавници се повеќечлените семејства, но и млади луѓе кои сакаат да бидат во тек со модата и да носат брендирана облека за малку пари.

- Ние сме шестчлено семејство, децата брзо растат и не можеме материјално да ги следиме нивните побарувања. Поради тоа пазариме во продавници за користена облека во Аеродром и во Центар, бидејќи тука можеме да купиме повеќе парчиња облека. Задоволни сме од изборот, алиштата се сочувани, не се искинати и секогаш можеме да најдеме нешто што им се допаѓа, вели Андријана Б., која ја сретнавме пред продавница за користена облека.

 

Во Скопје има неколку продавници за облека која е употребувана, каде велат дека луѓето веќе се привикнале на идејата да купат облека на старо и се уште го надминуваат срамот.

- Ако ние се срамиме од стоката што ја продаваме, тогаш воопшто и не треба да го правиме тоа. Дали вие по секое јадење купувате нов прибор или го користите повеќе пати? Исто е и со облеката, таа не се фрла туку се пере и се користи повторно. Се случува граѓани да погледнат двапати околу себе пред да влезат или откако ќе разгледаат, со брзина на светлината да излезат од продавницата без да ги види некој, објасни сопственикот Авни Тачи.

Неговата продавница нуди широк асортиман на производи за сите возрасти. Тој посочува дека најсочувани се оние за малите деца, бидејќи брзо растат и не ја износуваат облеката. Секој што влегува, не излегува без да купи нешто, рече Тачи.

- Стоката ја набавуваме од Данска во огромни количини, а ја продаваме на кило. Квалитетот на производите не зависи од нас, ние ги нарачуваме, а од пратката зависи нашиот профит. Жените се најчести потрошувачи и најдолго се задржуваат во дуќанот. Имаме и редовни клиенти кои често доаѓаат да проверат дали има нешто ново.

Сепак, сопствениците на дуќаните се жалат дека изминативе две години продажбата била опадната и покрај тоа што цените остануваат исти. Во овој тип продавници може да се најде зимска јакна за 500 денари, а женски или машки фармерки од 180 денари. Цената зависи од материјалот, сочуваноста и брендот на производот. Најскапа облека е онаа што е целосно зачувана и изгледа како да е нова.

Продавниците за користена стока, остануваат преполни, а сопствениците се надеваат дека Скопјани ќе ги надминат предрасудите и нема да се срамат да кажат дека облеката која ја носат е брендирана, но евтина и купена од втора рака.

Поврзани

Најнови вести

Коментари