Бутел и денес под блокади, четврти ден дел од жителите без струја

Крстосницата на улиците Босна и Херцеговина, Александар Урадревски и Кемал Сејфула во Бутел и денес е блокирана од жители кои четврти ден немаат струја. Сообраќајниот хаос е прелеан на сите околни улици оти пристапите до крстосницата се блокирани со автомобили. Педесетина жители на куќите во близина на капелата на Градските гробишта Бутел од синоќа се на крстосницата и велат дека нема да се откажат од блокадата се додека ЕВН не им пушти струја.

„Блокадите ќе останат се додека не се реши проблемот. Има преговори со ЕВН и од нив зависи до кога ќе блокираме“, велат жителите.

Од ЕВН потврдија дека нема струја во околу 120 куќи во близина на Градските гробишта поради дефект во трафостаницата. Дефектите во оваа трафостаница велат дека зачестиле со намалување на температурите поради прекумерна потрошувачка. За да се отстрани дефектот неопходна е реконструкција на мрежата, но екипите на ЕВН биле нападнати од жителите во обидите да почнат да работат на поправките.

„ Деновиве од неконтролираната потрошувачка, горат осигурувачите, лани изгореа каблите. Не дај боже следно е да изгорат и поголеми енергетски објекти и потоа реконструкцијата ќе трае со недели, а исто толку време ќе немаат напојување и повеќе корисници. Затоа им понудивме решение да се реконструира мрежата, да се воведе ред во снабдувањето и да се надминат проблемите. Но тоа не е прифатено. И уште пострашно секојдневно кога екипите одат на  терен врз нив врши и физчка и психичка тортура од страна на група несовесни граѓани од ова населено место. Оневозможени се и да ги санираат дефектите. Отворени сме за соработка и разговори да се најде начин да се надмине проблемот. ЕВН секогаш ќе биде на страната на своите корисници но не на оние кои ги напаѓаат вработените, нелегално ја користат електричната енергија или на други начини прават злоупотреба во мрежата“, велат од ЕВН.

Сите пристапи до крстосницата се блокирани со автомобили

Жителите, пак, тврдат дека не се против реконструкција на мрежата и согласни се на сите измени кои ги планира ЕВН. Негираат дека ги нападнале екипите на ЕВН, велат дека им вареле и кафе на струјаџиите.

Во решавање на проблемот се вклучи и Општина Бутел, на чија територија се блокадите. Градоначалникот Велимир Смилевски вели дека само неколку куќи се на територија на Бутел, останатите се на територија на Шуто Оризари и голем дел од нив се дивоградби. Тој на жителите кои ја блокираат крстосницата им порача дека мора условите за сите во Република Македонија се исти и дека потрошената струја мора да се плаќа.

Преговорите со жителите се во тек.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари