Норвешка им помага на мигрантите да си ги испраќаат децата во исламски училишта во странство

26.05.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Норвешка им помага на мигрантите да си ги испраќаат децата во исламски училишта во странство

Во процес еуфемистички наречен „културна рехабилитација“, млади од Норвешка со мигрантско потекло се испраќаат во нивните родни земји за да не бидат „совладани“ од западните вредности, а во меѓувреме се појавија извештаи за тортура и идеолошко перење мозок од Исламистите во тие училишта, пренесува „Спутник“.

Извештајот на 125 страници насловен „Не е само одмор“, напишан од заедничка експертска комисија на норвешкото Министерство за деца и семејни работи, ја истакнува улогата на надлежните органи во процесот на испраќање млади луѓе од мигрантски семејства во странство, честопати против нивната волја.

Експертската група изрази критика за тоа како надлежните го решаваат проблемот.

Според извештајот, норвешките власти во неколку случаи активно им помагале на семејствата да ги испратат децата во т.н. „курански училишта“ во странство, чии брутални педагошки методи и пријавени злоупотреби претходно предизвикаа загриженост и го привлекоа вниманието на премиерот Ерна Солберг, кој ја нарече оваа практика нелегална.

Не само што не успеа да ја спречи оваа состојба, Службата за заштита на децата во некои случаи дури и плаќала за билетите за патување, се вели во извештајот.

„Кога станува збор за спречување на испраќање на децата надвор од земјата, завршената работа не е доволна. Видовме дека Службата за заштита на децата во некои случаи ги поддржувала семејствата кои ги испраќаат своите деца во исламски училишта во Сомалија. Ние сме многу критични за ова. Препорачуваме третирање на овие сличаи како киднапирање деца “, изјави истражувачот Ања Бредал од тинк-тенкот „Нова“ за националниот радиодифузер НРК.

Експертскиот панел интервјуирал млади луѓе испратени во странство против нивната волја и добиени се информации од професионалци, членови на семејството и разни служби. Меѓу другото, во извештајот се заклучува дека речиси половина од жртвите подоцна имаат психолошки проблеми.

Според експертскиот панел, децата и младите треба да се едуцираат за своите права, а може дури и да се назначи специјален портпарол кој ќе се занимава со овој проблем. Бредал истакна дека  итно мора да се зголеми надлежноста на образовните власти, службите за заштита на децата и на полицијата.

Министерот за образование и интеграција Гури Мелби вети нов акционен план за справување со проблемот.

„Не бевме доволно добри. Главното правило да не се случува ова е семејствата да бидат добро интегрирани во Норвешка, добро запознаени со норвешки вредности и децата да бидат запознаени со нивните права “, рече Мелби.

Извештајот беше нарачан по обелоденувањето дека норвешки млади лица со мигрантско потекло биле испраќани во исламски училишта во Сомалија и Кенија од страна на нивните семејства за да ги спречат да станат Норвежани.

Покрај тешките услови и тортурата, жртвите се пожалија и мозоците им биле испрани со исламистички учења и омраза кон Западот. Сличен феномен е забележан и во соседна Шведска, која исто така има значителна сомалиска заедница.

Според јануарскиот извештај нарачан од Министерството за образование, најмалку 400 деца и млади луѓе кои живеат во Норвешка биле испратени во странство против нивната волја меѓу 2016 и 2018 година и биле подложени на т.н. „културна рехабилитација“.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата