Се враќа ли Вујо - миленикот на навивачите на Вардар?

22.05.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Се враќа ли Вујо - миленикот на навивачите на Вардар?

Веселин Вујовиќ од денеска не е повеќе тренер на ППД Загреб и си заминува од овој клуб со кој во последниот период поради коронавирусот не можеше да одржува тренинзи. Тој изјави дека се повлекува од приватни причини, но веднаш стартуваат шпекулациите дека ова може да значи подготовка за негово враќање во Вардар.

Сега во Вардар одново претседател е Михајло Михајловски, а Веселин Вујовиќ е голем пријател со него и затоа веднаш се отвора темата. Дали заминувањето на Вујо има и повеќе причини освен приватните? Дали миленикот на навивачите на Вардар одново се подготвува да дојде на клупата на „црвено-црните“? Дали Вујовиќ, Алушовски и Периќ ќе бидат трите големи имиња кои во новата сезона ќе седат на клупата на сè уште актуелниот освојувач од Лигата на шампионите?

Ова се прашања на кои одговор сигурно ќе дојде во следниот период. Она што е јасно е дека особено навивачите би сакале тој да биде на клупата. Јасно е и тоа дека поради него „Комитите“ би се вратиле во салата на сите натпревари. Доколку дојде тоа ќе му биде третиот „мандат“ на клупата на Вардар.

Првпат во Скопје дојде во 2006 година. Целта беше Вардар да се крене одново и да се обиде да го врати на шампионските патеки. Во првата сезона успеа да освои двојна круна поставувајќи го уште тогаш патот кон кој „црвено-црните“ почнаа да се движат во годините кои следеа.

Неговиот прв претстој во Скопје траеше до 2009 година, во тој период беше и селектор и на сениорската и на младинската селекција на Македонија, а после заминувањето од Вардар кратко беше на клупата на Ал Сад.

Во 2011 година одново се враќа во Скопје за да се добие големо ривалство со Лино Червар кој е на клупата на Металург. Дуелите со Металург добиваат на една сосема нова димензија и стануваат уште повозбудливи и поинтересни. Дербито станува едно од најинтересните не само на Балканот туку и во Европа бидејќи на теренот се две од најголемите тренерски имиња во светот.

Вардар под водство на Вујовиќ ја освои и првата круна во СЕХА лигата. Тоа се случи во сезоната 2011/12 кога во Загреб се играше првото финале. Покрај ова има три првенства на Македонија кога имаше огромна конкуренција во Металург. Титулите беа освоени во 2007, 2009 и 2013 година. Пехарите од Купот на Македонија, пак, беа освоени во 2007, 2008 и 2012 година.

Сепак, навивачите на Вардар не го паметат Вујо само по титулите кои беа освоени туку и по комплетниот негов придонес. Овозможи многу за да се крене популарноста на клубот. За навивачите тој беше број 1 и остана иако после него имаше тренери кои со Вардар стигнаа до финалето од Лигата на шампионите. Вујо знаеше како да стигне до срцето на навивачите и успеа да ги придобие, па секогаш кога подоцна се враќаше во Скопје со новите тимови кои ги водеше добиваше овации. Неговото име или „Вујо мајсторе“ се памети уште така што ако се врати по третпат во Скопје тогаш тоа ќе биде најава за нов спектакл во СЦ „Јане Сандански“.

Кога е Вујо во прашање и неговото пријателство со претседателот Михајловски ништо нема да биде изненадување и може да се подготвува пречекот на популарниот „Вујо мајсторе“. Прашање е само кој ќе биде месецот кога одново ќе влезе во соблекувалната на „црвено-црните“.

извор: 24rakomet.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата