(Видео) Царовска во Конче: Многу места во земјата имаат туристички потенцијал, затоа инвестираме во локален развој

22.05.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
(Видео) Царовска во Конче: Многу места во земјата имаат туристички потенцијал, затоа инвестираме во локален развој

Увид во градежните работи на потпроектот за подобрување на пристапноста и атрактивноста на сончевата езерска населба Мантово и околината, денеска направија вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, и заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, кои во придружба на градоначалникот Благој Илиев ја посетија општината Конче.

Сончевата езерска населба Мантово е потпроект, кој е во завршна фаза и е во вредност од 295 илјади евра, а е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност. Тој се спроведува со финансиски средства на Владата и Европската Унија и во соработка со канцеларијата на Светската банка.

По извршениот увид во градежните работи, вицепремиерката за економски прашања посочи дека се реализираат инвестиции со кои се поттикнува локалниот економски развој и со кои се овозможува развој на сите региони и општини во земјата. Таа додаде дека природните убавини се вистински предизвик за туристите, при што нагласи дека земјава има голем број мали места со голем туристички потенцијал, кои треба да се промовираат и да им се понудат и на домашните и на странските гости.

„Во оваа ситуација во која се наоѓаме како држава, а во која се наоѓа и целиот свет, кога сме насочени да работиме во посебни услови поради здравствената криза, ќе можеме годинава да се свртиме кон домашните атрактивни туристички места и на тој начин да им дадеме значење. Сметам дека патот што е направен и уредувањето на просторот преку финаниската поддршка обезбедена со проектот даваат поинаква и поубава слика за оваа туристичка локација и ќе придонесе кон привлекување поголем број домашни и странски туристи“, потенцира Царовска.

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, нагласи дека овој проект е продолжение на активностите што беа почнати од Министерството за локална самоуправа, а кои се дел од прекугранична соработка, преку ИПА-програмата со Бугарија и Грција.

Заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, напомена дека во изминатите три години преку државниот буџет и со финансиски средства од странските донатори за локален и регионален развој се инвестирани над 100 милиони евра.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата