По неколку недели напнатост, шефот на АТП, Андреа Гаудензи, денеска изјави дека нема да има санкција против организаторите на Ролан Гарос по едностраната одлука од нивна страна да се одложи турнирот до септември поради пандемијата на коронавирус.

„На  тенисот му треба единство, Париз постапи така во моменти на страв. Да, направија грешка. Но, тие тоа го признаа“, рече Гаудензи во интервју за неколку италијански медиуми.

Кон средината на март, дојде изненадувачката и еднострана одлука на Француската тениска федерација (ФФТ), организатор на Ролан Гарос, дека турнирот се одложува за наесен (20 септември – 4 октомври), иако првично беше закажан во терминот од 24 мај до 7 јуни.