Филхармонијата се откажува од парите за меѓународно претставување, ЌЕ ГИ ДОНИРА НА ИНФЕКТИВНАТА КЛИНИКА

9.04.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Филхармонијата се откажува од парите за меѓународно претставување, ЌЕ ГИ ДОНИРА НА ИНФЕКТИВНАТА КЛИНИКА

Филхармонијата се откажува од 2.300.000 денари кои со Договор со Министерството за култура беа наменети за нејзино меѓународно претставување и презентација на македонската култура во светот во 2020 година. Институцијата соопшти дека ќе донира и 130 илјади денари од својот буџет на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

Се откажуваме од овие средства кои во моментов може да се пренаменат за многу поважни работи со оглед на состојбата со која се соочува нашата земја. Нашата институција ќе донира и 130 илјади денари од сопствениот буџет на Инфективната клиника во Скопје, изјави Виктор Илиески, директор на Филхармонија.

Институцијата продолжува со емитување концерти на својот Јутјуб канал и на социјалните мрежи. Илиески нагласува дека во овие моменти е најважно да се почитуваат препораките и сите да седат дома и затоа, како што вели, го иницирале виртуелното дружење со нивниот оркестар, со врвните солисти и диригенти кои настапиле на сцената на Филхармонијата.

Сакаме во овие тешки моменти да им го збогатиме секојдневието на нашите сограѓани со врвна музичка изведба. Музиката има терапевтска моќ, тоа го докажале безброј истражувања досега. Ако не можеме да помогнеме директно, како што тоа го прават неуморно здравствените работници, на кои сме им неизмерно благодарни, можеме барем индиректно преку моќта на музиката да им помогнеме на луѓето полесно да се соочат со предизвиците. Можеби звучи утописточки и романтично, но ние сакаме да веруваме дека музиката може да го спаси светот, вели Илиески.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата