Македонските боксери Гоце Јанески и Јасин Љама, кои по долг престој на аеродромот во Лондон, конечно успеаја да се вратат во нашава земја, се негативни на Ковид-19 откако денеска им беа направени тестови по речиси 14-дневниот карантин во Скопје.

Тие ќе го напуштат карантинот најдоцна во понеделник, а потоа ќе одат во самоизолација во своите домови, како што налагаат здравствените прописи.

Јанески и Лама настапија на квалификацискиот турнир во Лондон за Олимписките игри во Токио, но турнирот беше прекинат. Во обидот да се вратат во Скопје, не успеаја да најдат комерцијален лет, па благодарение на ангажманот на Боксерската федерација, Амбасадите на Македонија во Лондон и Софија, по повеќе дена поминати таму, безбедно се вратија дома и беа во карантин.