ГИ ВРАТИЈА АРМОНИКИТЕ ЗАРАДИ 10 +2 МИЛИОНИ ЕВРА: Тендерот за нови автобуси за ЈСП на 15 март

22.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ГИ ВРАТИЈА АРМОНИКИТЕ ЗАРАДИ 10 +2 МИЛИОНИ ЕВРА: Тендерот за нови автобуси за ЈСП на 15 март

Со десет милиони евра кредит до нови еко – автобуси на гас. Со околу 35 нови автобуси ЈСП ќе го решава сообраќајниот хаос во градот. За кредитот што го подига ЈСП свој потпис за гаранција ставија министерот за финансии Драган Тевдоски и таткото на Град Скопје, Петре Шилегов кои за време на потпишувањето на кредитот заедно со првиот човек на ЈСП, Кристијан Чушков изјавија дека целта е да превенираат во делот на намалување на аерозагадувањето. Потенцираа дека новите зглобни автобуси ќе трошат двојно помалку гориво и ќе бидат економски поисплатливи.

Кредитот ќе го плаќа јавното претпријатие, кое ќе обезбеди плус 2 милиони евра за плаќање на ДДВ и транспортот на автобусите. Градоначалникот Шилегов изјави дека со потпишувањето на договорот и официјално почнува постапката за набавка на новите автобуси.

Тендерската постапка за набавка на новите автобуси на природен гас за потребите на ЈСП –  Скопје ќе започне на 15 март, се наведува во најновата информација објавена од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Компаниите најпрво ќе ги испратат своите понуди за набавка на новите 30 до 40 еколошки автобуси, по што ЈСП – Скопје ќе треба да ја избере најповолната понуда што ќе биде доставена од производителите на овие превозни средства. Средствата во износ од 10 милиони евра за новите автобуси веќе се обезбедија од ЕБОР, а дополнителни 1,8 милиони евра се алоцирани од буџетот на ЈСП – Скопје.

Најдоцна до почетокот на 2020 година на скопските улици ќе сообраќаат новите автобуси. Најголем дел од нив ќе бидат дводелни возила, со поголем број на седишта и простор за стоење на патниците, со што ќе се намалат гужвите во јавниот превоз за време на сообраќајните шпицови. Идните автобуси ќе имаат ЕУРО 6 мотор, а ползувањето на природниот гас целосно ќе го исклучи загадувањето на воздухот од страна на овие возила. Новите превозни средства ќе бидат нископодни, климатизирани и ќе имаат можност за превод на лица со телесна инвалидност.

Извор: билд/24

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата