Квалификациите за СП 2010 во Ј. Африка ја започнавме со победа, и тоа дома, и тоа против Шкотска со 1:0. Под пеколното скопско сонце и температура над 45 степени Целзиусови покрај Вардар, на тој 6 септември 2008 година, момците на селекторот Среќко Катанец просто ја заробија „Тартан армијата“ на Шкотска. Одигравме одличен натпревар, а падна во тој момент 16-та репрезентација во светот. Многу рано, уште во 5.минута поведовме и ги поставивме конечните 1:0, доволно за стартни три бода. Беше покажан слободен удар на околу 25 метри од голот на гостите. Каипитенот  Седлоски шутираше силно, топката се одби од десниот дирек, на неа натрча Наумоски и умешно ја смести во празната мрежа. Голема радост, еуфорија по мечот, апсолутно заслужено, па не секогаш се победува една Шкотска.

На овој натпревар Катанец им даде шанса на Милошевски, Митрески, Новески, Лазаревски, Петров, Седлоски, Шумуликоски, Гроздановски, Пандев, Наумоски, Мазнов. Играа и Трајанов, Грнчаров, Тасевски. 

Нормално амбициите, такви сме ние на Балканот, веднаш пораснаа. Дури се споменуваше и пласман на СП. На крајот, во конкуренција на селекциите на Холандија, Норвешка, Шкотска и Исланд, ние завршивме на четвртата позиција.