Фудбалскиот свет е во шок. Денеска во доцните попладневни часови на 72 години, почина фудбалската легенда Радомир Антиќ, единствениот тренер во светот кој беше стратег на Реал, Барса и Атлетико. Само тој и никој друг.

А со Антиќ има и „македонска“ приказна. Имено токму Антиќ во 1995 година, како тренер на Овиедо инсистирал да му биде донесен Митко Стојковски, тогаш капитенот на нашата репрезентација. Ова специјално за СПОРТМЕДИА го потврдува и самиот Митко.

„Уф, ме потресе веста за Антиќ. Навистина жалам, беше голем човек, гигант, беше голем тренер, ТРЕНЕРИШТЕ. Посебно во Шапанија го ценеа и почитуваа. Колку што се сеќавам таа пролет во 1995 година, јас како играч на Ц. Звезда имав неколку понуди, пред се од Овиедо, Сампдорија и Нант. Мене некако повеќе ме влечеше Италија, Серија А. И речиси се да беше готово кога тогаш разбрав дека Антиќ по секоја цена сака да ме доведе во Овиедо. Имаше преговори, тој во меѓувреме прати човек да ме скенира на 100-то дерби меѓу Ц. Звезда и Партизан на кое јас постигнав гол и навистина одиграв одлично. И иако сакав во Италија, сепак на крајот заминав во Овиедо и поради Антиќ, но се случи нешто неверојатно. Јас потпишав за Овидео, а тој по неколку дена замина во Атлетико Мадрид и подоцна стана легенда на тој клуб. Жалам што не соработувавме заедно, иако тој беше „виновникот“ што јас потпишав за шпанскиот клуб и што играв во Примера во тој период“, вели Стојковски.

ИМАВ КОМУНИКАЦИЈА СО РАДОМИР…

Сепак и покрај тоа што не биле заедно во Овиедо, Митко и Радомир имале комуникација во тие времиња.

„Да, па иако замина во Мадрид, во Овиедо остана неговиот помошник Радмило Иванчевиќ. Подоцна разбрав дека многу се интересирал за тоа во каква форма сум бил, и прашувал за мене. А ние двајца комунициравме кога играа Овиедо и Атлетико, кога тој ќе дојдеше на гости во нашиот град. Во два наврати бевме заедно на свадбени веселби. Знаеше да дојде и онака, без некоја посебна потреба, и тогаш се гледавме. Да не кажам дека ми стана и пријател. Кога имавме можност водевме и разговори за фудбалот. Голем човек како што реков. Го знаев и неговото семејство, еве  изразувам и сочуство за загубата. Фудбалот загуби голем тренер, според мене еден од најголемите. Во Овиедо имаше и таква „приказна“, кои ја раскажуваа моите соиграчи, кои имаа среќа тој да ги тренира. Се потсетуваа дека ако бидеш добар, мислам ако си дисциплиниран и одработуваш според неговите замисли, знаел и душата да ти ја даде што се вели. Но ако се правиш „паметен“, е тогаш за тебе нема место не во тимот, туку и во клубот. Сепак немаше играч што имаше лошо мислење за него. Харизматичен, умешен во изразувањето, знаеше што сака и знаеше од секој играч да го извади максимумот“, вели за СПОРТМЕДИА Митко Стојковски.