Не е тајна дека Агим Ибраими наназад десет години важи за еден од нашите најдобри фудбалери. Играше во Словенија, Италија, Казахстан, сега е во својата Шкендија, има бројни настапи и постигнати голови за Македонија, но се чини еден гол се издвојува. А тоа е оној против Челзи на славниот Жозе Мурињо.

Тоа се случи на 5 ноември 2014 година, четврти меч од групната фаза во ЛШ. На „Људски врт“ гостуваше гигантот од „Стемфорд Бриџ“. Се играше 50. минута кога нашиот Агим изведе своевидна МАГИЈА. Дојде топката до него на околу 20 метри од голот на Петр Чех, нешто оддесно, позиција која му е најомилена. И следуваше перфектен шут во спротивната страна. Прекрасен гол за 1:0 за Марибор, гол по кој се изненади и самиот Мурињо.

Сепак крајниот резултат беше 1:1. А еве кој, покрај другите, играа таа вечер за Челзи: Чех, Ивановиќ, Тери, Матиќ, Фабрегас, Вилијан, Азар, Дрогба, а на клупата беа и Оскар, Салах, Коста, Куртоа, Кејхил…, можеби најсилниот состав на Челзи во неговата историја.

И сите тие големи светски ѕвезди му се поклонија на македонскиот репрезентативец Агим Ибраими.