Момчето кое почина од сепса било оперирано во изнајмена сала

22.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Момчето кое почина од сепса било оперирано во изнајмена сала

Лекарот од приватната здравствена установа што му ја вршел интервенцијата на 29 годишното момче кое што синоќа почина од сепса во болницата „8 Септември“, изнајмил операциона сала во друга приватна ординација.

Токму во таа ПЗУ сега инспекторите вршат инспекциски надзор, откако претходно биле во болницата „8 Септември“ и во приватната ординација во населбата Тафталиџе, објави НоваТВ.

– Продолжуваме во друга ординација каде што лекарот изнајмил операциона сала. Ќе треба да се утврди дали смееле да вршат таква интервенција, каква опрема има, со каков кадар располага, кога се земени брисеви последен пат од операционата сала. Се надеваме дека до вечер ќе заврши инспекцискиот надзор. – изјави за НОВА Ирина Бухова, директорка на ДСЗИ.

Бухова посочи дека после тоа ќе биде инициран и стручен надзор.

Неофицијално, лекарот кој што ја извршил интервенцијата на хемороиди, доаѓал дома кај момчето кое после операцијата добило висока температура, за да му дава инфузија.

Кога ситуацијата се влошила младиот човек бил префрлен во болницата „8 Септември“, каде по неколку часа починал.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат го започна инспекцискиот надзор на повик од службите од болницата по смртта на момчето. Нема официјална потврда за причината за смртта, но станува збор за сепса.

По барање на семејството телото не било предадено на обдукација.

Од Градската општа болница „8-ми Септември“ Скопје со соопштение дека на 21.02. 2019 година во Ургентниот центар бил донесен пациент во тешка здравствена состојба.

– Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши вонреден инспекциски надзор за конкретниот случај. Сите потребни информации и податоци се дадени на инспекторскиот тим. Во интерес на расчистување на евентуалните пропусти, Ве молиме за разбирање, а конкретни информации ќе добиете од ДСЗИ и Министерството за здравство. – се вели во соопштенито на болницата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата