Од 1946 до 1992 година, во времето на некогашната заедничка држава, само четири клубови од Македонија играле во најсилната лига на екс-СФРЈ. Играле заедно со Ц. Звезда, Партизан, Хајдук, Динамо, Железничар, Сараево, Вележ, Олимпија, Војводина и др. Таа лига, барем според кажувањата, била шеста, седма по силина, по квалитет тој период во Европа. 

Е во таа лига играле покрај Вардар се разбира, и Работнички, Тетекс и Пелистер. Вардар, кој во сезоната 1986/87 беше и шампион, одигра 33 сезони во елитата, Работнички пак две, а Тетекс и Пелистер по една. 

За Вардар се е кажано, се е познато. Беше првак, играше и во фудбалска Европа претставувајќи ја тогашната заедничка држава, и на вечната листа по освоени бодови се наоѓа на десетото место од вкупно 47 клубови колку што играле во таа Прва лига.

Инаку малку е познато дека Работнички играше двапати, првпат во сезоната 1952, а вторпат играше во сезоната 1952/53. Во таа втора сезоната, во два наврати се играше скопското прволигаши дерби меѓу Вардар и Работнички, и двапати беше нерешено, 2:2 и 1:1. И во тие две сезони клубот од Градски парк не успеваше да го избори опстанокот. 

Тетекс играше во елитата во сезоната 1981/82, кога ги дочекуваше најдобрите клубови во екс-СФРЈ на стариот Градски стадион. Тогаш Тетекс беше многу силен, помогнат од текстилниот комбинат, имаше голем буџет и многу силен тим, па затоа и играше во елитата. Во таа сезона првак беше Динамо со легендарниот Ќиро Блажевиќ, со тој негов легендарен бел шал околу вратот. 

Во последната сезона, во таа 1991/92, се играше последната сезона во таа лига, но да споменеме дека тогаш не играа клубовите од Словенија и Хрватска, настапи Пелистер. Битолчани изборија опстанок, но на кого тогаш му беше до фудбал кога војната веќе наголемо праваше пустош во бившата земја.

Сепак убаво е да се потсетиме дека не  бил само Вардар македонски клуб или македонски бренд, во елитата во екс-СФРЈ, дека тоа биле и, макар симболично, Работнички, Тетекс и Пелистер.

ВЕЧНА ЛИСТА НА КЛУБОВИ ПО ОСВОЕНИ БОДОВИ

1.Ц. Звезда 1770 бодови

2.Партизан 1664

3.Динамо 1562

4.Хајдук 1516

5.Војводина 1256

6.Сараево 1230

7.Вележ 1168

8.Железничар 1063

9.ОФК Београд 972

10.Вардар 933

43.Тетекс 23

44.Работнички 21

45.Пелистер 20

47.Нафта Лендава 6