Светската куќа на фудбалот (ФИФА) излезе со свои предлози за решавње на проблемите во врска со регистрацијата на фудбалерите кои што ќе произлезат од пандемијата на „Ковид-19“. Од најмоќната светска организација информираа дека имаат работна група која веќе излезе со конкретни опции за акција.

Во однос на случајот со истекувањето на договорите за играчите на крајот на јуни и влегување во сила на нови договори од 1 јули, предлозите на ФИФА се следните:

– Договорите кои истекуваат на првично закажаниот датум на сезоната (најчесто 30 јуни), на истите ќе им биде продолжено важењето до новиот датум на завршување на сезоната во првенствата во кои играчите настапуваат.

– Договорите кои треба да започнат со правна сила на првично закажаниот датум за почеток на новата сезона (најчесто на 1 јули), влегувањето во сила ќе им биде одложено до новиот датум за почеток на новата сезона во одделните фудбалски првенства.

– Во случај на преклопување на сезони во две првенства или периоди на регистрација, доколку страните не успеат да се договорат поинаку, предност ќе му се даде на првиот клуб на конкретниот играч, така што тимот може да го задржи фудбалерот се до завршувањето на тековното првенство.