Неверојатна приказна поврзана со ГФК Осогово, членот на Втората лига исток, но и клуб кој се прослави со тоа што го прави на социјалните мрежи. Како што и се пофалија самите на својот сајт, клубот се шири и надвор од Македонија. Имено пред неколку денови во Англија е формиран нов клуб спод името ГР Осогово. Целата приказна започнала кога група фанови од јужниот брег на Англија и градот Портсмут преку социјалните мрежи дознале за Осогово. Најпрвин формирале фан база во Англија како поддршка за клубот од Кочани, која брои 150 членови, за да потоа во комуникација и поддршка со Осогово формират и аматерски фудбалски клуб со името ГР Осогово. Овој тим од почетокот на следната сезона ќе се натпреварува во најниското регионално натпреварување, „Сандеј лигата во регионот Госпорт

Како поддршка од Осогово,  обезбедена е комплет опрема за претстојната сезона и во комуникација со тамошните компании е обезбеден спонзор кој ќе ги покрива трошоците на клубот за цела сезона.

Клубот е составен исклучиво од млади ентузијасти и фудбалери од Англија без ниту еден фудбалер од нашите простори. Ова е уште еден доказ дека фудбалот нема граници.

Инаку како промоција на ГФК Осогово и ГР Осогово во Англија,  како еден вид најава, за 5-ти јули беше планиран и воедно организиран хуманитарен турнир заедно со една од најголемите организации за борба против ракот на тестисите кај мажите (Balls to Cancer) преку која беше обезбедено  учество на неколку еминентни имиња од фудбалската сцена на Премиер лигата како и неколку познати личности од овој регион како и наши фудбалери. Но сега поради вирусот останува да се дефинира нов термин.