За најмалку 70% се намалуват ратите за кредитите од финансиските друштва

3.04.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
За најмалку 70% се намалуват ратите за кредитите од финансиските друштва

За најмалку 70% ќе се намалат ратите за кредитите од финансиските и лизинг друштва во следните три месеци за граѓаните, за кои нема да смеат да се пресметуваат и наплатуваат трошоци, провизии и казнени камати, информираат од Министерството за финансии.

„Овие обврски рамномерно ќе се распоредат на останатите рати во текот на исплатата, или може да се продолжи отплатата за најмалку 90 дена. Ова е регулирано со донесените уредби за финансиски друштва и за лизинг на денешната владина седница“, соопштуваат од ресорното министерство.

Известување за новите услови граѓаните ќе добијат преку веб-страната на финансиското или лизинг друштво, смс, електронска пошта или друга електронска комуникација, а доколку во рок од 10 дена не се изјаснат дека ја одбиваат понудата, истата се смета дека е прифатена.

За правните лица ќе се одлучува индивидуално, по барање на самиот клиент, доставено исто така електронски.

Нови договори за кредити пак, може да се одобруваат со 3 месеци грејс период по барање на корисникот и во тој период ќе се пресметува само договорна камата.

Паралелно, со намалување на законската затезна камата, ставката на вкупните трошоци кои се наплаќаат кои досега изнесуваа 51% од вкупната сума на кредитот, сега се намалуваат на 31%. Останатите трошоци кои досега не беа ограничени, сега се ограничуваат на 30% од одобрениот кредит, појаснуваат од Министерството за финансии.

 

 

 

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата