Пред неколку дена „случајно“ се запали трска во Струга, вчера стигнаа мајстори на истото место

22.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пред неколку дена „случајно“ се запали трска во Струга, вчера стигнаа мајстори на истото место

Продолжува самоволието на поединци на западното крајбрежје на Охридското езеро каде на парцели помеѓу Струга и Калишта тампонираат, поставуваат бетонски огради, палат трска и друга вегетација среде бел ден, а на повеќе локации се депонира и градежен шут, обвинуваат екологистите. Се чини како да е ова ничија земја, како да не важат овде законите на државата, како да нема никаква контрола од надлежните институции, велат тие.

Максимално се користи секој момент, имајќи ја предвид најавата на Владата дека ингеренциите за плажите во Охрид и Струга ќе преминат од општинско на државно ниво. Не се знае кој узурпира, кој гради, на терен беа лица со приватни возила, израмнет терен, на неколку места изградени објекти непосредно до езерото, паркирани возила, оградено со жица. Во прилог само неколку фотографии. Глетката е ужасна. Оваа ситуација не беше спомната во одговорот на македонските институции до УНЕСКО. Свесно е премолчено ова намерно уништување на природата, појасот трска кој е овде најконзистентен. Сите молчат, локацијата е надвор од градот, незабележлива, што е уште еден поволен момент за овие узурпатори, велат од Охрид SOS.

Еколошкото движење Охрид SOS oбвинува дека уништувањето на природата на западното крајбрежје каде се девастираат живеалиште на многу животински и растителни врсти, специфични за овој предел, се врши пред очи на целокупната јавност и дека отсуствува реакција од надлежните институции и инспекциските служби.

Реагира и опозициската ВМРО ДПМНЕ, која обвини дека се случува еколошката катастрофа на струшкото крајбрежје.

Евидентно е дека на местото на запалената трска се обавуваат градежни работи, за да се урбанизира и да се отстапи на приватни лица, блиски до актуелната локална власт и СДСМ. За жал, до сега нема никаква реакција од Министерството за животна средина и просторно планирање, кое што веќе подолго време ги толерира хаосот и безредието на локалната власт и СДСМ, ОК ВМРО ДПМНЕ – Струга.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата