Бегалците кои се враќаат во Сирија се жртви на репресија, вели Хаико Мас

22.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Бегалците кои се враќаат во Сирија се жртви на репресија, вели Хаико Мас

Германија упати остри критики кон режимот во Сирија по низата пријави за измачување, малтретирање и репресија врз сириските бегалци кои се враќаат во својата татковина.

За време на прес-конференцијата во Берлин, министерот за надворешни работи на Германија, Хаико Мас, повтори дека Берлин ги поддржува напорите на ОН за да се изнајде политично решение за Сирија, но дека е скептичен поради намерите на режимот.

„Она на што бевме сведоци во Сирија овие денови е дека луѓето кои сакаат да се вратат од Јордан во своите домови во Сирија се соочуваат со репресија, некои од нив дури и завршуваат во затвор“, вели Мас.

Репресивните мерки и постојаните апсења од страна на сирискиот режим предизвикуваат дополнителни тензии пред почетокот на средбата на која треба да се оформи Уставен комитет на Сирија, со што се поткопува довербата на опозициските групи во Дамаск.

Мас посочи оти Германија заедно со своите партнери од ЕУ ќе продолжат со поддршката за ОН да се состави Уставен комитет на Сирија.

„Она што сакаме да го постигнеме сега е најпрвин да дојдеме до договор за оформување на уставен комитет“, изјави Мас, кој нагласи дека овој процес би требало да иницира реформи кои ќе водат кон демократски избори во Сирија.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата