Јованоски: ПЗУ Ортомедика е затворена откако е потврдено дека еден од вработените е позитивен на коронавирус

2.04.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Јованоски: ПЗУ Ортомедика е затворена откако е потврдено дека еден од вработените е позитивен на коронавирус

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, демантира дека имал контакт со еден од вработените во ПЗУ Ортомедика кој е позитивен на коронавирус.

„Како прв човек на градот, чувствувам потреба и обврска да се обратам до вас, граѓаните на општина Прилеп, по однос на дезинформациите кои вчера и денеска кружат на социјалните мрежи, за наводен мој контакт со било кој од вработените во ПЗУ Ортомедика во последните петнаесетина дена, каде за жал на еден член на медицинскиот персонал му е констатиран позитивен наод од коронавирусот. Со најголема индигнација ги отфрлам ваквите дезинформации“, рече тој.

Јованоски кажа дека веднаш после потврдувањето на случајот, согласно препораките на надлежните служби, амбулантата е привремено затворена, а останатите членови од медицинскиот персонал се наоѓаат во самоизолација.

„Во услови кога борбата со коронавирусот е наш врвен приоритет, тенденциозното ширење на дезинформации и лажни вести е чин на највисока неодговорност ие во правец на создавање паника и страв кај граѓаните“, рече градоначалникот.

Јованоски апелира граѓаните да се информираат исклучиво од претставници на официјалните институции.

„Да не ги стигматизираме заразените со коронавирусот, како и сите оние кои се наоѓаат во самоизолација. Да им дадеме поддршка во справувањето со оваа болест, затоа што тоа на секого може да му се случи“, рече тој.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата