Иванов го осуди нападот во затворот во Шуто Оризари и побара одговорност од институциите

22.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Иванов го осуди нападот во затворот во Шуто Оризари и побара одговорност од институциите

Kабинетот на Претседателот на Република Македонија, најостро го осудува физичкото насилство што се случи во текот на вчерашниот ден во затворот во Шуто Оризари.

Од таму велат дека безбедноста на сите притворени и затворени лица мора да биде загарантирана од затворската управа, а за ваквите и слични случаи, не може и не смее да има никакво оправдување.

„Во казнено поправните установи во Република Македонија мора да се заштити психофизичкиот и моралниот интегритет на лицата, да се почитува нивната личност и достоинство, како и нивното право на лична сигурност“, стои во соопштението.

Од Кабинетот на претседателот се повикуваат и на член 10 од Уставот на Република Македонија според кој „животот на човекот е неприкосновен“ и челн 11 согласно кој „физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени и се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување“.

Го цитираат и членот 176, став 1, од Законот на кривична постапка според кој „при издржување на притворот не смее да се навредува личноста и достоинството на обвинетиот“.

„Во изминатиов период до Комисијата за помилување како и до Одделението за постапување по претставки и предлози во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, беа доставени писма од граѓани кои изразуваа загриженост за безбедноста во затворите во Република Македонија“, велат од Кабинетот на Иванов од каде што додаваат дека очекуваат што побрзо расчистување на овој, како и на сите досегашни случаи и бараат одговорност од сите надлежни институции.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата