Ангеловска: Подготвени сме за најлошото сценарио за буџетот, работиме да се случи најдоброто

1.04.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ангеловска: Подготвени сме за најлошото сценарио за буџетот, работиме да се случи најдоброто

Многу е тешко за економските аналитичари, вклучително и за меѓународните финансиски институции, да ги предвидат случувањата за време на кризата со епидемијата на коронавирусот. Ова се должи на самиот карактер на кризата, затоа и нашите сценарија постојано се обновуваат, па така од секое сценарио имаме повеќе верзии, рече министерката за финансии Нина Ангеловска, на прес конференција во владата.

„Во главно, имаме 3 основни сценарија: поволно, неповолно и најнеповолно. Кај сите сценарија најголемиот пад на даноците се очекува во вториот квартал од 40% до 65% во однос на претходната година, додека претпоставките за третиот и четвртиот квартал се разликуваат согласно кога би започнал периодот на економско заздравување и стабилизација.

Колкава ќе биде таканаречената „дупка” (деновиве исто така многу зборувана во јавноста) во буџетот односно за колку ќе се зголемат потребите за финансирање зависи од тоа кое од овие сценарија ќе биде реалност.

Кај првото сценарио поволното – предвиден е пад од 20% на вкупната приходна страна на консолидиран буџет во однос на планот. Тоа би значело намалување на приходите за околу 700 милиони евра – односно тоа значи дека за исто толку би се зголемил дефицитот и потребите за финансирање.

Кај второто сценарио, неповолното падот на буџетските приходи би изнесувал околу 30% со што потребите би се зголемиле за околу 1 милијарда евра.

И кај третото најнеповолното доколку приходите паднат 40%, дополнителните потреби би биле околу 1.3 милијарди евра“ објасни министерката.

Според неа, важно е да сме подготвени и за најлошото сценарио, а секако да преземаме мерки и да повлекуваме соодветни чекори за да се случи најдоброто. Таа истакна дека за секое од овие сценарија, владата подготвува и сценарија за финансирање. Непредвидливоста и ранливоста на пазарите на капитал, како што вели Ангеловска, носи голем предизвик и при креирање на овие сценарија.

„Како што информиравме во тек е постапка за обезбедување на средства од Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и инструментот премостување до обврзница. Постапките се во тек и се очекува до мај да ги обезбедиме овие средства. Како ќе излеземе од коронакризата зависи од сите нас. Ако сите се однесуваме одговорно и дисциплинирано здравствената криза ќе заврши побрзо, а со тоа и здравствените мерки кои ја оспоруваат и запираат економската активност“ заклучи министерката Ангеловска.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата