Народниот правобранител отвори предмет за нападот врз Јанакиески и Спировски

22.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Народниот правобранител отвори предмет за нападот врз Јанакиески и Спировски

Од канцеларијата на Народниот правобранител, Иџет Мемети, ја информираат јавноста дека по сопствена иницијатива тој отворил предмет во врска со вчерашните насилства во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, при, како што се вели, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се здобиле со повреди.

Како што се појаснува, предметот е отворен врз основа на информации од медиумите, како и јавувања од роднини на притворените лица.

„Екипи на Народниот правобранител се во Затворот ‘Скопје’, и темелно ќе го истражат целиот случај, ќе се обезбеди целосната документација, ќе се разговара со лицата кои учествувале во инцидентот, со очевидци на настанот, службени лица, ќе се изврши увид на местото на настанот, а ќе се обезбедат и видео снимки од камерите за надзор“, се наведува во соопштението.

Од канцеларијата на Народниот правобранител појаснуваат дека согласно закон, ќе бидат повикани на разговор директорот на Управата за извршување на санкциите, директорот на Затворот „Скопје“ и сите други службени лица кои би можеле да дадат определени податоци во постапката, со цел објективно утврдување на состојбата во врска со овој настан, по што Народниот правобранител ќе ја информира јавноста за утврдената состојба.

Народниот правобранител потсетува дека ваквите настани, ги потврдуваат неговите повеќегодишни и континуирани укажувања за сериозноста на проблемите со затворскиот систем.

Според Народниот правобранител, тоа што се случува во казнено-поправните установи е резултат на поставувањето на нестручни и партиски кадри на раководни позиции во овие установи, што создава длабоки поделби од различен аспект: национален, верски, партиски, а последица од тоа е лош безбедносен систем не само за осудените и притворени лица, туку и општеството во целина.

Народниот правобранител Мемети апелира до раководството на казнено поправните установи, Управата за извршување на санкциите, како и Министерството за правда сериозно да се нафатат со подобрување на затворскиот систем во целина, а притоа, особено да се има предвид сериозноста на ситуацијата, преку преземање мерки за обезбедување на физичкиот интегритет на лицата, мониторирање, превенирање и спречување на физичко и друг вид насилство кое може да го загрози здравјето и животот на лицето додека ја издржува мерката притвор или казната затвор.

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата