Можеби НК Динамо е во право со оглед на ситуацијата па затоа се реши за кратење на платите на своите играчи. Веројатно самите играчи се во право зошто не ја прифаќаат таа одлука, но запрепастува медиумската хајка кон нив, а посебно кон нашиот репрезентативец Аријан Адеми.

Капитенот на „модрите“ се нарекува неморална личност,лицемер, човек кој го издал Динамо, предводник на тимот кој нема контрола врз екипата, и на крај се повикува под итно да му се одземе лентата, зошто тој не ја заслужувал. Секако на „нос“ му се става и тоа дека Динамо му помогнал по допинг – скандалот а еве како тој враќа. А се поради фактот дека играчите и тренерот Бјелица не ја прифатија одлуката на раководството на Динамо за драстично кратење на платите.

Се разбира дека непремерно е во овие сензитивни времиња, кога луѓето умираат по болниците, кога Загреб „преживеа“ и силен земјотрес, да се споредуваат платите на играчите и обичните работници, продавачките, пожарникарите како што тоа денеска го прават одредени медиуми и пред се колумнисти во Хрватска. Малку чудно е тоа што токму Адеми е прв на удар, а не тренерот Бјелица на пример, иако и тој не е баш поштеден, но македонскиот репрезентативец е тој што го „издал“ Динамо. 

Чудно, а до вчера сите тие, од Адеми до Бјелица им беа херои.